Муцунски се сретна со колегите од Шпанија: Имаме одлични билатерални односи
Денешната работна средба со членовите на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија претставува нов момент во билатералните односи и уште една потврда за одличните политички релации меѓу двете земји, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на својата Фејсбук страница.
-Имајќи ја предвид важноста на парламентарната соработка во градењето дипломатски релации, вистинска чест беше пред членовите на Комисијата да зборувам за нашето партнерство во рамките на ОБСЕ, НАТО Алијансата и други меѓународни организации, за проширувањето на Европската Унија, проблемот со илегалната миграција, како и за актуелните регионални безбедносни и политички прашања, напиша Муцунски, кој е во работна посета на Шпанија.
Истакнувајќи ја нашата домашна посветеност на евроинтегративниот пат и реформската агенда на новата влада, додава Муцунски, нагласив дека, и покрај предизвиците на процесот, ние остануваме цврсто посветени на имплементацијата на европските вредности на локално ниво.
-Се заблагодарив за поддршката од нивна страна и нагласив дека за зачувување на европскиот дух во земјите од Западен Балкан е неопходно процесот на интеграција да биде заснован на реални и мерливи критериуми, а не на билатерални прашања, наведе Муцунски на Фејсбук.
Муцунски, како што претходно објави МНР, остварил средба и со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес Буено, на која била потврдена шпанската поддршка за евроинтеграциите, при што Буено ја потенцирал неопходноста за забрзување на интеграциите на државата во ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа