Израелската армија пронашла тела на шест заложници во Појасот Газа
Во операција што израелската армија ја спровела во текот на ноќта во областа Кан Јунис во Појасот Газа биле пронајдени телата на шест заложници кои беа киднапирани во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Израелската армија соопшти дека операцијата била овозможена со прецизни разузнавачки информации и дека телата се успешно пренесени во Израел.
„Операцијата за спасување беше овозможена со прецизни разузнавачки информации од ИСА, разузнавачките единици и штабот за заложници на Дирекцијата за разузнавање на ИДФ. Ќе продолжиме да работиме за да ги вратиме сите преостанати заложници дома. Нашите срца се со семејствата на овие жртви на тероризмот на Хамас“, велат од израелската армија.
Објавата на израелската армија доаѓа откако доцна синоќа американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Тел Авив соопшти дека Израел го прифатил предлогот за надминување на разликите за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа и го повика Хамас да одговори позитивно на понудата за прекин на огнот.
Тој не кажа дали предлогот ги вклучува и барањата на Израел за контрола на двата стратегиски коридори во Газа за кои Хамас не сака да преговара.
„На многу конструктивен состанок со премиерот Нетанјаху денеска, тој ми потврди дека го поддржува предлогот да се премости (јазот). Следниот важен чекор е Хамас да се согласи“, рече Блинкен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа