Ајкулите во близина на брегот на Бразил, позитивни на кокаин

 

Тестирањето на ајкулите во близина на брегот на Бразил покажа дека тие се позитивни на кокаин, а научниците стравуваат дека тоа ќе доведе до промена во нивното однесување.

Морските биолози тестирале 13 ајкули земени од крајбрежните води во близина на Рио де Жанеиро и откриле дека сите тие имаат високо ниво на кокаин во мускулите и црниот дроб, пишува британски „Телеграф“.

Откриени се концентрации на кокаин до 100 пати повисоки од оние претходно откриени кај други морски животни.

Научниците ги опишаа своите наоди како „загрижувачки“ за морскиот екосистем.

Во написот за списанието Science of Total Environment, тие изјавија дека дрогата кај ајкулите најверојатно потекнува од одводите на нелегалните лаборатории каде се произведува кокаин или од канализацијата, односно од урината и изметот на корисниците на дрога.

Тимот научници изјави дека е можно и ајкулите да се хранеле со пакувања со кокаин што ги изгубиле или фрлиле во морето шверцери на дрога, но дека тоа е помалку веројатно.

„Резултатите покажаа хронична изложеност на кокаин од луѓе кои користат кокаин во Рио де Жанеиро и од испуштање на човечка урина и фекалии низ канализацијата, како и од нелегални лаборатории“, рече Рејчел Ен Хаузер-Дејвис, британска научничка и членка на истражувачки тим.

Таа вели дека обично нема многу фрлени пакувања со кокаин на брегот на Бразил, за разлика од Мексико и Флорида, што значи дека е малку веројатно дека ајкулите стигнале до нив.

Истакнува дека кокаинот веројатно е штетен по здравјето на животните, но дека се уште не е познато дали дрогата влијае на нивното однесување, правејќи ги поагресивни и непредвидливи.

„Ова може да биде случај, бидејќи кокаинот го таргетира мозокот. Потребни се дополнителни истражувања“, вели екотоксикологот Енрико Мендес Саѓоро.

23.07.2024 - 09:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега