Нов проект на Владата - автопат и на Стража

Владата планира изгрaдба на автопат на потегот Гостивар – Кичево. Во интервју за романската државна агенција АГЕРПРЕС, премиерот Груевски вели дека веќе се почнати преговорите со кинеските партнери. Кинезите се заинтересирани за проектот.

„Во моментов разговараме за други можности. Разговараме за финансирање на хидроелектрани како таа во Галиште, потоа за изградба на друг автопат помеѓу Кичево и Гостивар кој е исто така дел од патниот правец Скопје-Охрид“, изјави Грувески за романската агенција.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во интервју за Сител рече дека Меѓународната финансиска корпорација, IFC веќе ја завршиле анализата за исплатливоста на проектот.

„Сега сме во фаза на анимирање на компании и очекувам дека во 2014 ќе имаме меѓународен повик за концесија за изгрдба на автопатска делница од Гостивар до Кичево“, рече Јанакиески за Сител.

Изгрaдбата на автопатите – златна шанса за домашните компании

Со изградба на автопат од Гостивар до Кичево, но и со изградбата на двата автопати кои ќе почнат да се градат напролет, земјава ќе добие автопатско поврзување од Штип преку Скопје, потоа преку Стража до Кичево и Охрид. Со довршувањето на делницата Демир Капија – Смоквица, пак автопатски ќе бидат поврзани северната и јужната граница.

Приоритет на Владата за наредната година се токму автопатите за кои веќе се обезбедни над половина милијарда евра, а тоа претставува исполнување на барањето на бизнис заедницата. Освен што ќе добијат одлична инфраструктура, компаниите добиваат и работа во наредниот период затоа што договорот што го склучи Владата со кинескиот партнер подразбира ангажирање на домашни компании и работници што директно ќе влијае на повеќе сектори – градежништвото, рударството, металната и хемиската индустрија.

Што ќе се гради во наредниот период?

Во наредните пет години планирана е изградба на 11 автопати и магистрални патишта во вкупна должина од 300 километри и уште 200 километри локални патишта.

Ќе се градат двата автопати – од Миладиновце до Штип и од Кичево до Охрид, потоа предвидена е изградба и реконструкција на магистралите Штип – Радовиш, Смоквица – Гевгелија, Неготино – Демир Капија, Градско – Прилеп, Стенковец – Блаце, Миладиновци – Куманово и Велес – Кадрифаково.

Проектот за автопатот од Миладиновце до Штип предвидува изградба на автопат во должина од 47,1 километри. Коловозните ленти ќе бидат со вкупна ширина од 27 метри, а ќе има и 8 натпатници и 5 потпатници. На автопатот се предвидени клучки кај Миладиновци, Средно Коњаре, Преод, Свети Николе-Север, Свети Николе-Југоисток, Кадрифаково и Три Чешми

Новиот автопат пак, од Кичево до Охрид според проектното решение ќе биде долг 56,7 километри. Почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Оттука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Според проектот, и овој автопат ќе има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата ќе има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунел Пресека” со две цевки. По двата автопати ќе се вози по 120 километри на час, наместо 60 како сега.

22.12.2013 - 12:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега