Тошковски - Кесер: Голема поддршка од Германија за борбата со криминалот и за патот кон ЕУ

 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на БЈБ Александар Јанев и државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски денеска одржаа работна средба со делегација од Сојузна Република Германија, предводена од државниот секретар на Федералното министерство за внатрешни работи Бернд Кесер.

Како што соопштија од МВР, Тошковски се заблагодари за огромната поддршка што Германија досега ја дава на нашата држава и на Министерството за внатрешни работи и е една од државите од кои досега имаме добиено најголема поддршка во вид на донации, техничко-материјални средства и обуки.

Тој, се додава, потенцирал дека пред новото раководство на Министерството за внатрешни работи претстојат големи предизвици во исполнување на главните приоритети како борбата со организираниот криминал и корупција, планот за реорганизација на управните служби кои ќе бидат успешен услужен систем на своите граѓани, новата систематизација која ќе ја направи полицијата многу поефикасна, креирање на систем на континуирани обуки, дигитализација на голем број процеси во Министерството и кон граѓаните и кон вработените.

Државниот секретар Кесер, пак, изразил надеж за реализација на амбициозните планови на Министерството и потенцирал дека зголемувањето на ефикасноста на полицијата е важно за функционирање на правната држава.

-Во контекст на борбата со организираниот криминал, државниот секретар истакна дека освен ефикасна полиција, важна е и ефикасноста на судството и дека за зголемување на довербата во полицијата е важно зголемување на довербата во судството како нераскинливи делови на процесот во имплементација на законите, владеење на правото и правната држава. Во тој дел беше потенцирано дека поддршката кон достигнување на сите европски стандарди и процеси е тука и само ќе се унапредува, се наведува во соопштението.

Државниот секретар воедно, изразил задоволство што заедничкиот дијалог ќе продолжи на Берлинската конференција во рамките на Берлинскиот процес, која ќе се одржи во септември, каде учесниците ќе имаат можност заеднички да разговараат и да носат одлуки за европската иднина на регионот на Западен Балкан. 

18.07.2024 - 16:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега