Ѓорѓиевски: Јас би бил добар градоначалник на Скопје, бидејќи не се плшам од работа

 

Нема да дозволам никакви политички злоупотреби на ЗЕЛС. Политичките манипулации можат да имаат единствено негативен ефект врз граѓаните и нивниот квалитет на живот. Во ЗЕЛС, најважно е единството. Јас лично, како претседател, сум бил во ситуација кога немав добра соработка со одредени министри од претходната власт, но никогаш не ја злоупотребив позицијата ниту пак помислив на бојкот или на напуштање на оваа асоцијација, вели во интервјуто за МКД.мк градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС за актуелните случувања во Заедницата на единиците на локалната замоуправа.

Прашан за неговата амбиција за градончалник на Град Скопје, Ѓорѓиевски вели:

„Јас во неколку наврати, прашан за ова, сум одговорил дека би бил добар градоначалник на Скопје бидејќи не се плашам од работа. Секако, тоа зависи од повеќе фактори – нашата политичка партија секако ќе има анкети, тука се и телата на партијата и нормално граѓаните доколку одлучат, со задоволство би го прифатил предизвикот.

Да се биде на чело на Град Скопје прво е чест, а потоа и сериозна обврска која за жал, овој актуелен градоначалник ја испушти приликата да се докаже. Видете, на Скопје најпрво и најитно му треба средување на овој хаос во кој се наоѓа. Скопјани се дават во ѓубре, а да не зборуваме за градскиот превоз кој го има толку „често” како секој ден да е државен празник. До мене секој ден пристигнуваат поплаки за ретките автобуски линии, за тоа како луѓето доцнат на работа, а учениците во школо, но за жал од оваа позиција немоќен сум да променам нешто во тој дел.

Во Скопје огромен проблем е и сообраќајниот хаос. Нехумано е граѓаните да патуваат дури по два часа од своето работно место до дома, а вистинската голгота се случува наутро и после 16 часот. За тоа, има решение. Со десеттина кружни текови на клучни места значително би се релаксирал сообраќајот, а со тоа и нервозата на граѓаните кои како превозно средство го користат автомобилот. Потоа, на Скопје му треба и градски воз, проект за кој разговаравме лично со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и има сериозни намери да го реализира во соработка со градската власт.

Со искористување на постојната железничка инфраструктура и возови во Скопје, можеби и нова за поврзување и со аеродромот, граѓаните од населбите кои се подалеку би имале можност и на ваков начин побрзо да стигнат до центарот на градот. На пример, од Драчево до железничката станица во Скопје се стигнува за некои 7-8 минути и тоа би било одлично решение ем за намалување на сообраќајниот хаос, ем за побрзо патување од една до друга точка.

Сум размислувал и за подземна патна мрежа со која би се затворила улицата кај ,,Рекорд” и би се преадаптирала во шеталиште, како и проект за скопското кале кое сега е запуштено и е лоша слика за туристите кои верувајте ги има во огромен број.

Има доста идеи и проекти кои целосно би го смениле ликот на Скопје на подобро, но не би откривал сега во целост. На Скопје му треба посветен градоначалник кој ќе работи во интерес на граѓаните и конечно ќе тргнат работите од место, кој градот ќе го направи метропола рамо до рамо со европските“.

03.11.2024 - 14:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега