Влатко Ѓорчев: Пироманите не ја запалија Македонија

Денес на говорницата во Собрание беше пуштена „Бела чао“. Демек, револуција и бунтовност, отпор и борба. Демек, поминала цела година од отпорот на Бранко Црвенковски на улиците, па тие не се откажувале. Отпор против носењето на буџетот минатата година кој требаше буквално да ја запали Македонија. За што и против кого?

Затоа, добро е да се потсетиме на минатиот декември 2012 година, на оние што најавуваа катастрофа и Армагедон, пропаст на Македонија и „грчко сценарио“ во 2013 година. Kаде е колапсот кој толку многу го посакуваа? Kаде се немирите што здушно, со целото срце ги заговараа? Kаде е банкротот на Македонија кој толку самоуверено го најавуваа?

Пратениците на СДСМ тврдеа дека во 2013 година ќе се случи невидена катастрофа во Македонија, дека државата ќе престане да ги исплаќа платите и пензиите, дека ќе се прогласи банкрот на државата и дека државата буквално финансиски ќе колабира и ќе се распадне. Се оствари нешто од сите овие најави? Kаде се денес да ги повторат своите говори и зборови?

Всушност, токму блокирањето на носењето на буџетот пред една година требаше да доведе до таква ситуација. Пироманите сакаа да ја запалат Македонија. Сакаа да го спречат носењето на буџетот. Платите и пензиите да не се исплаќаат, ниту субвенциите. По 2 – 3 месеци да се затворат болниците и училиштата поради неплатени сметки. Да не се исплати ниту еден денар од субвенциите за земјоделците, ниту социјалната помош. Македонија немаше да ги плаќа редовните рати кон странските доверители од долговите направени во времето на владите СДСМ, што ќе доведеше буквално до милионски штети и камати кои кога тогаш ќе мора да се вратат.

Намерата беше државата буквално финансиски, економски и социјално да колабира, а во тој хаос граѓаните да ја обвинат владата и лутината да се насочи кон Никола Груевски. По таквата имплозија на државата и масовното незадоволство, ќе се појавеше месијата Црвенковски заедно со својата дружина, за повторно да стане премиер на Македонија. Од хаосот сакаа да профитираат токму оние што работеа тој хаос да се создаде.

Денес, од оваа перспектива, може да се направи рекапитулација на 2013 година која полека изминува. Можеме да ги погледнеме изминативе 12 месеци по една година, можеме да констатираме неколку работи. Прво, финансиите на државата се во солидна кондиција. Второ, Македонија во 2013 година е трета во Европа според растот на БДП. Трето, за разлика од дузина земји во кои се намалуваат платите, пензиите, субвенциите и социјалната помош, во Македонија се зголемуваат.

Четврто, Македонија е ниско задолжена земја, односно држава која е меѓу најниско задолжените земји во Европа. Петто, во Македонија речиси секој месец се отвора некоја фабрика, за разлика од стотици затворени фабрики и погони во времето на криминалната транзиција. Шесто, речиси секоја недела се отвора некој пат, реновирано училиште, спортска сала, изграден објект или нов погон. Седмо, има конкретна најава за изградба на клучните автопати во источна и во западна Македонија во текот на следната година, плус изградба на пругата кон Бугарија.

Осмо, Македонија во 2013 година доби препорака за преговори со ЕУ од страна на Европската комисија, исполнувајќи десетици мерливи европски услови и критериуми, но единствената опструкција е срамното грчко вето. Деветто, во Македонија постепено се намалува невработеноста. Има многу проблеми и тешкотии со животниот стандард, а невработеноста и понатаму е висока, но важно се намалува, за разлика од многу други земји каде што рапидно се зголемува. Десетто, претстои 2014 година кога Македонија ќе продолжи со економското закрепнување, а најавени се дополнителни нови странски и домашни инвестиции.

На крајот, еден краток коментар за „Бела чао“. Се работи за певлива песна што ја пееле антифашистичките борци во Италија во периодот од 1943 до 1945 година. Се работело за млади луѓе, борци и идеалисти кои се кренале против режимите во Германија и во Италија, а кои донесоа 50 милиони загинати во Европа, невидени разурнувања и најцрна страница во историјата.

За „режимот“ и реториката на СДСМ: Дали носењето обичен буџет во Македонија за 2013 година е еднакво на срамнувањето со земја во авиобомарадирање на Варшава во 1939 година? Дали расправата во Kомисијата за буџет во Собранието на Република Македонија е еднаква на опсадата на Ленинград од септември 1941 до јануари 1944 година, во која загинаа 300.000 војници и 16.000 цивили во борбените дејства, а дури еден милион цивили починаа од глад и студ за време на руските зими? Се гледаат ли размерите на манипулациите на СДСМ кои преку вакви паралели и споредби веќе со години ги пласира во јавноста? Дали кршењето чаши во Собранието, фрлањето телефони и нападот врз претседателот на Собранието од рушителите е еднакво на холокаустот во кој загинаа 6 милиони жени, деца и старци?

Нашиве „отпораши“ во оваа гарнитура гледаат еднакво зло во Македонија, еднакво со најтемните страници во човековата и европската историја?! Ставаат знак на равенство меѓу денешна Македонија и најголемото страдање во историјата на човештвото?! Ставањето таква паралела зборува за колосалните размери на политичките манипулации кои ги користат нашиве „борци за човекови права“, „отпораши“ и демократски срцки. За среќа, пред една година пироманите не успеаја да ја запалат Македонија.

П.С. Многу ми е жал за повредата на Наумче Мојсоски. Ова е надвор од темата, но морав да го напишам ова. Ретко се среќава таков борец, толку пожртвуван, со толку големо срце. Му посакувам брзо закрепнување и Господ да го крепи овие неколку месеци.

Влатко Ѓорчев

22.12.2013 - 12:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега