Прилепчани ќе плаќаат повисоки смети за вода, цената зголемена за 17,9 проценти
Сметките за вода на прилепчани за јули ќе бидат повисоко во просек за 120 денари. Се зголемува цената на водата за 17,9 проценти по барање на Регулаторната комисија. На јавните водоводни претпријатија во земјава им беа дадени пет месеци да размислат која цена од понудените ќе ја прифатат, а сега стигна конечната одлука на Комисијата за поскапувањето што веќе стапи во сила. Од прилепски „Водовод и канализација“ објаснуваат дека е понудено најниско можно поскапување за претпријатието да функционира рентабилно, а да не биде ценовен шок за граѓаните, беше речено на денешната прес-конференција во Претпријатието.
-Наште пресметки на просечно потрошени 10 кубни метри вода, заедно со трошоците за Пречисителната станица и за третирање на отпадните води, месечната сметка на едно семејство се зголемува за 120 денари. Значи од 610 сметката е сега 730 денари. Инаку, сега Регулаторната комисија која ни ја даде новата цена е за околу 50 проценти помала од онаа што ни ја понуди во јануари. Објаснувањето од комисијата е дека последниве два месеци се стабилизирале цените на електричната енергија, па нема енормно зголемување на цената на водата. Беше понудено покачување од преку 27 проценти, а сега зголемувањето на цената е 17,9 насто, или, еден метар кубен вода е преку 39 денари. Зголемувањето на трошоците за Пречистителната стница и за отпадните води е минимално. Ова нема да биде шок за домашниот буџет, туку ќе ја зголеми рентабилноста во работењето на јавното претпријатие кое овие месеци „мака мачи“ со тоа, изјави Игор Гулабоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ од Прилеп.
Во овие жештини водоснабдувањето во Прилеп е стабилно, но се апелира за рационално трошење на водата за пиење.
-Дарежливоста на изворот од регионалниот водовод „Студенчица“ е 1 200 литри вода во секунда. Вода има доволно од регионалниот водовод и од изворите и нема проблем со водата за пиење. Но апелот останува до граѓаните за рационално трошење на водата, рече Гулабоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа