Ужас во Швајцарија: Маж ги нападнал соседите со мачета, се обидел да повреди трудница и ранил тримесечно бебе
Маж вооружен со мачета нападнал неколку лица во зградата во која живее во Сент Гален, на североистокот на Швајцарија, при што повредил четири лица, меѓу кои и едно бебе, соопшти денеска полицијата.
Полицијата за нападот добила пријава во четвртокот по 21.30 часот.
Осомничениот 34-годишен Швајцарец, познат на полицијата поради психички нарушувања, се обидел да нападне трудница, која дошла да го посети својот татко во таа зграда и го повредил нејзиниот 66-годишен татко, кој се соочил со напаѓачот, објави АП.
Соседите, кои забележале што се случува, се стрчале по напаѓачот кога излегувал од зградата пред која повредил уште една 31-годишна станарка. Таа жена била со своето тримесечно дете, кое исто така било повредено од напаѓачот.
Жителите успеале да го задржат до доаѓањето на полицијата, која го привела, но во меѓувреме повредил уште едно лице.
Полицијата соопшти дека осомничениот и самиот се повредил.
Никој од повредените не е во животна опасност.
Истражителите откриле запалива течност и гас во станот на осомничениот по што зградата била евакуирана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа