Густа магла го покри Скопје: Тешко се вози - аеродромот затворен

 

Маглата и понатаму го попречува нормалното одвивање на авиосообраќајот  на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, а намалена е и видливоста на патиштата во скопскиот и кумановскиот  регион.

Поради густата магла  не се реализираат полетувањата и слетувањата од  аеродромот „Александар Велики“ што се предвидени за вечерните часови. Препладне  дел од слетувањата беа пренасочени кон аеродромот во Охрид, а дел од летовите беа откажани. Од скопскиот аеродром велат дека поради временските услови состојбата се менува од час во час.

Според Автомото сојузот на Македонија, поради појава на густа магла на патиштата кај Кумановско видливоста е 20 метри, а кај Скопје и Петровец до 50 метри.

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во републиката  се одвива тековно, по суви коловози. На планинските превои и осојничавите места коловозите се наместа влажни. Поради ниските температури можна е појава на голомразица. Во клисурите и усеците можни се помали одрони, особено на патните правци: Кочани - Делчево, Виница - Берово, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија - Удово и Катланово-Велес

19.12.2013 - 20:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега