МОН: Се реконструира студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу во Скопје
Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој на почетокот на годината МОН го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди, извести Министерството за образование и наука.
„Ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Република Северна Македонија. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби.
Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија“, соопшти Министерството за образование и наука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа