Костадиновска-Стојчевска од Битола: Еразмус+ инфоцентарот ќе придонесе за обезбедување подобра иднина за младите по европски стандарди
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и првиот заменик- претседател на Владата на РСМ, Бојан Маричиќ, денеска го посетија новоотворениот инфоцентар „Еразмус+“ во Битола.
„Младите остануваат во фокусот на агендата на Министерството за култура. Само така ќе покажеме цврст став за нашиот пат кон европското семејство и ќе вклучиме повеќе теми кои се од особено значење, а тоа се културата, образованието, иновациите“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска во изјавата за медиумите по посетата на инфоцентарот.
„Младите со својот глас и активизам“, рече министерката за култура, „станаа наш сојузник во градењето на државата и создавањето можности и затоа вложувањето во нивното знаење е нашиот гарант за креирање можности во нашата држава.“
Таа додаде дека Министерството за култура во изминатиот период покажа дека поддржува и креира политики што овозможуваат младите да имаат подобар живот, квалитетно образование и можности за мобилност.
„Министерството за култура континуирано им помага на младите да се зајакнат во креирањето на европските проекти и активно да учествуваат во програмата Креативна Европа на Европската Унија, како една од најважните алатки за поддршка на европската културна соработка изразена преку културна промоција на вредностите и различностите“, рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што младите во Битола имаат место каде што ќе дискутираат и ќе споделуваат заеднички вредности поврзани со европската иднина бидејќи станува збор за една од најфлексибилните програми на Европската Унија.
Инфоцентарот „Еразмус+“ во Битола е наменет за сите млади, но и генерално за сите што сакаат да се информираат за програмите или мрежите со кои раководи Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа