Ковачевски: Има доволно време да се завршат формалностите и в недела да се гласа за техничка влада
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека техничката влада е законска обврска и политичките партии од власта и опозиција треба да предложат свои кандидати и да ја поддржат во Парламентот. Тој е на ставот дека има доволно време да се завршат формалностите и в недела да има гласање.
-Јас нема да бидам министер во техничката влада, туку ќе ја предводам кампањата на СДСМ на претстојните избори. Во однос на техничката влада, тоа е законска обврска и сите кои што учествуваат во техничката влада, тоа се политички партии од власта и опозицијата, треба прво да ги предложат своите кандидати и да ја поддржат владата во Парламентот. Има доволно време до недела тие формалности да се завршат и в недела да имаме гласање со кое што ќе добиеме техничка влада која што ќе ги спроведе изборите, рече денеска Ковачевски на прес-конференцијата по состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан во одговор на новинарско прашање.
Ковачевски посочи дека секој треба да работи согласно законот и демократските принципи.
-Секој треба да работи во согласност со закон и во согласност со демократските принципи. Предлагате министри и ги поддржувате тие министри, не можете да очекувате да предложите министри, а некој друг да ги поддржува вашите министри. Такво нешто не постои во светската пракса и сметам дека има доволно денови за тоа да се направи до недела, додаде Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа