Мицкоски: Постигнат е историски договор, вработените во здравството добиваат покачување на платите од 40 до 50 проценти

 


Денеска во македонската влада двата репрезентативни синдикати на здравствените работници во Македонија постигнаа историски договор со Владата на премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на платите на вработените во здравствениот сектор.

-Постигнат е историски договор. Освен корекцијата на коефициентите, зборуваме за зголемување за 10 насто на платите, од март месец следната година имаме зголемување за нови 5 проценти на паричната маса која се издвојува за здравствените работници. Добиваме зголемување на паричната маса од 40 до 50 проценти во следните неколку години, изјави на прес-конференцијата претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски, кој изрази огромно задоволство што може да биде дел од овој историски настан, како и до синдикатите кои со свои идеи учествуваа во реализацијата на овој чин.

-За првпат во историјата се постигнува ваков договор кој на долг рок ќе ги корегира платите на здравствените работници, изјави Мицкоски.

Огромно задоволство изразија и двајцата претставници на репрезентативните синдикати на здравствените работници, кој овој историски чин го оценија како резултат на работата на двата синдиката, премиерот Мицкоски, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска и директорот на Фондот за Здравство Клековски.

-Договорено е покачување на платите ќе биде силна мотивација за здравствените работници, но и прв чекор во подобрувањето на здравтвената грижа за сите граѓани, изјави д-р Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центар.

-Благодарност до премиерот и владата за реализацијата на овој чин, со анексот на колективниот договор се корегираат коефициентите на здравствените работници, со зголемување од 3.650 денари бруто или 2.450 нето на плата, а кај медицинските сестри имаме корекција на платите од 5.700 бруто или 3.850 денари нето на плата, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ.

19.11.2024 - 11:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега