Партијата на Борисов води на изборите во Бугарија

При обработени 70 проценти од гласачките ливчиња во Бугарија, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) води со 31,38 отсто, соопшти бугарската Централна изборна комисија (ЦИК).

По неа следува Коалиција за Бугарија, во која доминираат социјалистите, со 27,34 отсто, на трето место е етничката турска партија Право и слобода со 9,15 отсто и „Атака“ - 7,6 проценти,  јави БТА.

ГЕРБ, кој се повлече за време на февруарските масовни протести на граѓаните незадоволни поради корупцијата, ратсечката невработеност и високите сметки за струја, кога Владата беше принудена да поднесе оставка би можел да освои 97 места во 240-члениот Парламент, според резултатите на „Алфа рисрч“ и „Сова Харис“.

Коалиција за Бугарија најверојатно ќе освои 85 места во Парламентот.

На вчерашните избори гласаа 6,9 милиони Бугари со право на глас.

Според агенцијата „Галуп“ одѕивот на избирачите бил 47,4 проценти.

Ден пред парламентарните избори во Бугарија, полицијата заплени 350.000 илегално отпечатени гласачки ливчиња, што дополнително придонесе за предизборни тензии.

Станува збор за „вишок“ гласчаки ливчиња, кои се пронајдени во печатница, која инаку го печатела материјалот за изборите. - Тоа е срамно и треба да се преземат сите мерки да не се случуваат вакви измами. Тоа не е европски, ниту демократски, оцени лидерот на социјалистите Сергеј Станишев.

Опозициските партии побараа ливчињата паралелно да ги пребројува и австрискиот институт „Сора“, а со истрагата ќе се утврди кој и по чиј налог ги отпечатил дополнителните гласачки ливчиња.

Над 250 меѓународни набљудувачи ги надгледуваа изборите. 

најчитано сега