Мишел Бачелет избрана за претседател на Чиле

62- годишната Мишел Бачелет победи на вчерашниот втор круг од претседателските избори во Чиле.

Наспроти малата избирачка активност кандидатката на левицата Бачелет освои 62,1 отсто од гласовите, додека нејзината соперничка, конзервативката Евелин Матеј доби 37,8 отсто, што е најслаб резултат на деснциата од возобновувањето на демократијата во Чиле.

Досегашниот претседател Себастијан Пињера во телевизиско обраќање ја поздрави новата претседателка.

- Вие постигнавте голема победа и сакам да ви посакам многу успех, изјави Пињера, кој ја наследи Бачелет на функцијата во 2010 година. 

По објавувањето на резултатите Бачелет  вети дека целосно ќе ги спроведе реформите во земјата, со цел да се овозможи надминување  на големата социјална нееднаквост.

Бачелет во своето обраќање ја потенцира итната потреба од изградба на поправедна држава и ставање крај на нееднаквоста. 

- Време е да се спроведат длабоки промени во земјата, без разлика на напорот што треба да се вложи за таа цел, изјави Бачелет. 

Во 2006 година Бачелет, која е лекар, стана првата жена претседател на Чиле, а сега стана и првата жена во земјата која по втор пат е избрана на оваа функција. 

16.12.2013 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега