Крвав викенд - 22 сообраќајки само на скопските улици
Петнаесет сообраќајни незгоди се случиле во петокот, 8 во саботата и 9 во неделата на подрачјето на Град Скопје и околината. За време на викендот, специјалното возило „пајак“ отстранило 84 возила.
Девет од несреќите кои се случиле во петокот се со последица материјална штета, а шест со последица телесни повреди. Полесни повреди заработиле тројца возачи на патнички моторни возила, тројца сопатници и двајца пешаци.
Се случиле и три незгоди со мала материјална штета, во кои е пополнет Европски извештај.
Еднаод несреќите во саботата е со последица материјална штета, шест се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, еден сопатник, двајца пешаци, еден мотоциклист и еден велосипедист.
Се случила и една сообраќајка со загинато лице во 15:25часот на локалниот пат село Побожје – село Бродец. Во несреќата учествувал трактор „Тома Винковиќ“, управуван од скопјанец. Скопјанецот изгубил контрола на управувачот, излегол надвор од десната страна на коловозот и се превртел на кров. Од здобиените повреди на лице место починал возачот на тракторот. За сообраќајната незгода известен е и истражен судија и јавен обвинител кои не излегоа на лице место, а увидот и го препуштија на увидната екипа на СВР Скопје за утврдување на причините поради коишто е дојдено до незгодата.
Се случиле уште две сообраќајни незгоди со мала материјална штета во кои е пополнет Европскиот извештај.
Три од 9 -те сообраќајки што се случиле во неделата се со последица материјална штета, а четири се со последица телесни повреди. Повреди заработиле четворица возачи на патнички моторни возила и еден сопатник. Се случиле две незгоди со последица тешка телесна повреда во кои со тешки телесни повреди се здобиле две лица, а со полесни повреди се здобиле четири лица.
Се случила и една незгода со мала материјална штета во која што е пополнет Европскиот извештај.
Во текот на овие три дена беа откриени и санкционирани 22 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај. Спроведена е и контрола на брзината на движење на возилата при беа санкционирани 42 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење. Од нив 20 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место. Санкционирани се и петмина возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаци на обележан пешачки премин, 26 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците, 32 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила на автобуските стојалишта, на пешачките премини и во зона на крстосница.
За денеска согласно Планот за работа, сообраќајната полиција ќе спроведе засилена контрола во насока на откривање и санкционирање на прекршоци кои ги чинат пешаците. Ќе се преземаат и мерки со цел зголемување на безбедноста и проточноста во сообраќајот при што ќе се санкционираат непрописно запрените и паркирани возила коишто во поголема мера го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Во оваа насока ќе се користи засилено и специјалното возило „пајак“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа