Општина Карпош: Заев сакаше да подметне кукавичко јајце во општината
Општина Карпош реагира по протестите на дел од членовите на избирачките одбори кои бараат да им бидат исплатени надоместоците за завршената работа.
„Денешните протести на членови од избирачките одбори во Карпош се резултат на вчерашната посета на лидерот на СДСМ во оваа општина. Прашањето е дали посетата имаше единствена цел Заев да подметне „кукавичко јајце“ во општината на својот колега Јакимовски, со цел да се наруши угледот на Карпош како општина и на раководството на Општината.
Општина Карпош исплати средства за членовите на изирачките одбори во ист износ колку што исплати и градот Скопје. Ставот на Карпош беше дециден уште во самиот почеток: На локалните избори се бираа двајца градоначалници на Општината Карпош и на Град Скопје и членовите на избирачките одбори работеа за изборот на двајцата градоначалници подеднакво и истовремено.
Општина Карпош не може да си дозволи да ги загрози исплатите на помош за социјалните случаи од Општината, за лицата со посебни потреби и болни, да ги запостави давачките за греење на учениците во училиштата или во градинките како и другите социјални трансфери. Сепак станува збор за ранлива група на граѓани на кои им е неопходна грижа од локалната власт, а не за администрација, како што се членовите на избирачките одбори со редовни примања и плус. Покрај редовните плати, претседателот на Избирачкиот одбор и членовите на комисиите треба да земат надоместоци во износ од 600 до 700 евра за два дена работа, колку што изнесуваат примањата на една работничка во текстилната индустрија, продавачка во трговијата, или градежните работници, за работа за четири месеци.“ -стои во соопштението од општина Карпош.
Слични сомнежи пред неколку дена изразија и експертите особено што протестот на кумановските стечајци во Скопје дојде на само еден ден по посетата на тимот на СДСМ на Куманово а протестот на тутунарите по посетата на СДСМ на Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа