Пендаровски: Потребни ни се блиски врски меѓу Македонија и дијаспората
Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на САД по повод учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера попладне во Чикаго, како почесен гостин, присуствуваше и се обрати на донаторска вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на „Македонија2025“.
На свеченоста, Пендаровски го одликуваше главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“, за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.
Пендаровски го врачи и признанието „Diaspora Recognition Awards 2023“, коешто Македонија 2025, под негово покровителство, им го додели на Стенли Томас и на Влатко Андоновски, во чест на нивните придонеси и достигнувања.
„Потребни ни се организации и поединци кои придонесуваат во градењето на блиски и продуктивни врски помеѓу Република Северна Македонија и нејзината дијаспора. Ова понекогаш значи и надминување на големите очекувања кои постојат и овде, но и кај сонародниците во татковината. Она што најпрво треба да го направиме е да ги оставиме настрана сентименталноста и емоциите, бидејќи она што ни е потребно е прагматизам. Она што ни е потребно е ситуација во која сите сме победници, и оттука, наш заеднички потфат треба да биде отворање на патишта за што поблиска комуникација помеѓу нас, која цели кон нови иницијативи и инвестиции“, рече Пендаровски.
Како што додаде, во моментот се случуваат тектонски геополитички поместувања. Овој отворен и глобализиран свет се соочува со опасност која може лесно длабински да ги потресе неговите темели.
Мора да бидеме внимателни, вели Пендаровски, и мудро да ги користиме ресурсите кои ни се на располагање и да најдеме начин како да им помогнеме на најпогодените, а тоа може да се постигне само преку емпатија, заедништво и солидарност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа