Скопјанец собрал 10.000 евра на свадба и ги фрлил во ѓубре - со саати копал по депонијата

 

Скопското ѓубре е поврзано со многу приказни, но најмногу се раскажуваат оние кога граѓаните по грешка ќе фрлат илјадници евра, па трчаат по камионите за отпад или ја пребаруваат депонијата Дрисла за да ги најдат, пишува Вечер

Иако депонијата асоцира само на едно, а тоа е ѓубре, нечистотија, зарази и лоша миризба, вработените сведочат како на граѓани не им пречело да доаѓаат да си ги бараат кутиите полни со пари кои не сакајќи ги фрлиле во ѓубре, па завршиле кај нив. Така некој човек од Драчево во кантата за смет по грешка ја фрлил кутијата во која чувале 10 илјади евра. За среќа, човекот се сетил на парите уште истиот ден кога дошол камионот да го собира сметот.

- Цела фамилија околу шест луѓе беа тргнати по камионот и дојдоа во Дрисла. Во камионот немаше многу ѓубре, за среќа околу три тони. Бевме замолени да го истовариме ѓубрето на страна и сите почнаа да го пребаруваат. За кратко време успеаја да ги најдат, а наш вработен доби и награда, раскажува Ибиш Шефкит, заменик на помошник-директорот за оператива и депонирање на Дрисла.

Сепак, ваква среќа немал еден тетовец кога ѓубрето од неговиот град се уште се складирало во Дрисла. По свадбата накитот за невестата кој бил складиран во кутија и најверојатно бил во вредност од 10 илјади евра неговата мајка не знаејќи дека во кутијата има накит ја фрлила во кантата за ѓубре. И тој возел со автомобилот по шлеперот што го пренесувал ѓубрето се до Дрисла, но назад се вратил со празни раце.

- Тоа беше навечер и јас работев на вагата. Тој не замоли да го пребара ѓубрето од камионот, кој беше преполн и имаше околу 20 тони отпад. Иако бараше два-три часа не можеше да го најде накитот и си замина разочаран. На заминување понуди и награда од 500 евра за вработен во депонијата што ќе го најде, вели Шефкит.

Како поголема сума пари која завршила меѓу отпадот во депонијата се и 70 илјади долари исто така на некој тетовец, но и тие не биле пронајдени. Се случувало и вработени од депонијата и неформални собирачи на смет да наоѓаат и пари со помала вредност од 200-300 долари, а најден е и златен прстен. Најмногу пари во ѓубрето се наоѓале во времето кога во земјава присуствуваа војниците на НАТО. Неформалните собирачи на смет кога ќе најдат некој вреден предмет не го пријавуваат, додека вработените во депонијата имаат обврска да го пријават во дирекцијата, но досега немало таков случај.

- Сите луѓе мислат дека кога ќе кажеш дека работиш во депонија дека е најлошото работно место, но не е така. Депонијата е нормална компанија како сите други, се работи со технологија и луѓето овде се среќни, завршува Шефкит. 

14.12.2013 - 12:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега