Jаневска: ВМРО-ДПМНЕ пред две години укажуваше дека нешто се случува на Онкологија, време е да се видат вистинските виновници, а не кабли и порти

 

„Кога во една земја има и макар сомнение за вакво нешто, тоа значи дека општеството го пробило дното. Еднаш спомнав дека мислев дека сме го стигнале дното, ама дното имало длабочина, сега сме отишле и подлабоко од тоа. Значи сме во слободен пад, во една бездна која нема крај. Продажба на лекови, злоупотреба на лекови се случува само во земји каде што владее и царува мафија“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „За или против“.

Јаневска додаде дека ова што се случува со скандалот во Онкологија во лекарската фела е незамисливо.

„Кај лекарите е потенцирано дека треба да владее етика и морал. Оти здравствениот персонал комуницира и функционира врз база на доверба“, рече таа.

„Пациентот кога доаѓа во институција и приватна и државна очекува и тргнува со полна доверба кон тие луѓе кои таму работат. И сега е тоа уништено, руинирано“, појасни Јаневска.

Таа посочи дека граѓаните се во големо очекување да видат што ќе излезе од оваа истрага, предистрага.

„Но, јас како доктор, првенствено сакам да потенцирам дека секое злодело си има карактеристика, но злоделото си има и име“, нагласи таа.

Јаневска рече дека ВМРО-ДПМНЕ пред цели две години кажа дека има податоци и дека нешто таму се случува.   

„Потоа медиумите кажаа дека е фатена една сестра на паркинг со лекови, какви и да биле. Па, потоа по извесен период истата сестра пак е фатена. Па, кој ја остави на работа? Кој дозволи крадец да продолжи да работи повторно со истите материјали? Се надевам дека конечно правдата ќе излезе на виделина“, укажа Јаневска.

Таа нагласи дека е време да се видат вистинските виновници, а не кабли и порти.

04.09.2023 - 18:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега