Продолжуваат разговорите за договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со својот бугарски колега Кристијан Вигенин. 

- Продолжуваат разговорите меѓу Бугарија и Македонија за склучување договор за добрососедство и соработка. Создаваме неопходна политичка клима за тие да завршат успешно, но се уште не сме дојдени до фазата на потпишување, изјавил бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, по средбата.

Прашан кои се спорните прашања за кои се уште нема согласност, Вигенин одговорил дека едно е поврзано со текст од Уставот на Македонија, за што Бугарија бара гаранции дека не е основа за мешање во нејзините внатрешни работи.  Друго прашање е поврзано со јазиците на кои треба да биде потпишан договорот, иако според Вигенин, тоа е техничко прашање и би можело да се искористи формулацијата што и досега е употребена, односно договорите се потпишуваат на македонски јазик според Уставот на Македонија и на бугарски според Уставот на Бугарија. Третото спорно прашање е поврзано со најчувствителната тема - историјата, навел Вигенин, додавајќи оти тука и двете страни имаат одредени погледи како може да се излезе од ситуацијата и да се постигне историјата да не биде причина за поделби, туку за обединување.

Акцент на средбата бил ставен на европската перспектива на регионот, која, како што истакнале двајцата министри, може да биде реалност само преку отворен дијалог и соработка, меѓусебно почитување и фокус на взаемниот интерес.

Министерот Попоски потоа одржал средба со Комисијата за пријателство со Република Македонија на Собранието на Република Бугарија, на која се разговарало за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држави на парламентарно ниво. 

- Во рамки на средбите беа реафирмирани иницираните активности од сите области на соработка меѓу двете земји, особено Коридорот 8, по потпишувањето на Протоколот меѓу министрите за транспорт на двете држави, потоа отворање гранични премини и одржување на претстојниот Бизнис форум, наредната година во Република Македонија. Кон остварување на заедничките проекти, особен придонес дадоа скорешните интензивни контакти на ресорните министри на Република Македонија и Република Бугарија, се вели во соопштението од МНР.

13.12.2013 - 14:45
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега