Нова рунда на преговори меѓу Белград и Приштина

Премиерите  Ивица Дачиќ и Хашим Тачи денеска во Брисел ќе ја одржат 20-та рунда од дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Како што јави Танјуг, една од темите на разговорите, на кои ќе учествува и српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, ќе биде и правосудството. 

Портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, Маја Коцијанчич, изјави дека цел на состанокот е да се направи поголем напредок во пресрет на извештајот на шефицата на европската дипломатија до Министерскиот совет на ЕУ, кој ќе решава за доделување датум за почеток на преговорите за челнство на Србија кон Унијата.

- Ќе стане збор за сите отворени прашања врзани за примената на Бриселскиот договор, а едно од нив е правосудството, рече Коцијанчич.

Таа потсети дека Ештон во понеделник и вторник ќе го информира Министерскиот совет на ЕУ за досегашниот напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина. Министрите потоа ќе усвојат рамка за преговори со Србија и ќе одредат датум на првата меѓувладина конференција ЕУ-Србија, која по претходна одлука на Советот треба да се одржи најдоцна во јануари 2014.

Коцијанчич одби да шпекулира дали преговорите можат да почнат веќе во декември, истакнувајќи оти тоа е работа за која одлучуваат земјите-членки на ЕУ.

13.12.2013 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа