Во Египет најстудена зима во последните 122 години

Во Египет деновиве владее вистинска зима според африкански стандарди. Температурата вчера падна до седум степени Целзиусови, што е рекордно ниска температура за овој период од годината за последните 122 години, јави ИТАР-ТАСС.

Во некои делови на земјата налетите на ветерот достигнуваа до 28 метри во секунда и беа проследени со дожд.

За земјата на пирамидите, каде преовладува сончевото и топло време, сегашните ниски температури под 10 степени се чувствуваат како нула во умерениот појас.

Метеоролозите ги предупредија Египќаните да останат во своите домови, додека поради дождовите на улиците во главниот град Каиро се создаде сообраќен метеж.

Најтешко е погоден северниот дел, во регионот на медитеранското крајбрежје, над кое минува студен бран. Во Александрија е прогласена опасност од морска бура. Поради невремето затворени се пристаништата во Александрија, Суец и Шарм ел Шеик.

Лошото време делумно го парализира животот во целиот регион на Блискиот Исток. Од студот страдаат десетици илјади бегалци во камповитe во Сирија и планинскиот регион на Либан. Во Јордан поради поројните дождови и студот вчера беше откажана наставата во училиштата и затворени беа банките.

До крајот на неделата во регионот се очекува затоплување.

13.12.2013 - 09:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега