Бизнис-форум: Македонија нуди одлични можности за инвестирање

Во Скопје денеска се одржа Бизнис-форум на кој повеќе од 40 компании од Југоисточна Европа се запознаа со можностите за инвестирање и започнување бизнис во земјава.

Премиерот Никола Груевски пред присутните истакна дека Македонија нуди одлични можности за инвестирање, конкурентна е и не само според ниските трошоци, туку и според образованата работна сила. Нема ниту една друга држава со такви ниски трошоци во Европа.

- Македонија е држава која до овој степен стигна и преку многу конкретни реформи  што ги презема Владата, истакна премиерот набројуваќи ги регулаторната гилотина, реформите во образованието, ниските даноци, потоа предностите што ги нудат ТИРЗ и поддршката што ја добиваат од Владата. Посочи дека сето ова заедно со некои поситни работи заедно прават мозаик и добра слика за привлекување странски инвеститори. Потврда за добрата бизнис клима е и што голем дел од странските компании во Македонија одлучија да отворат и втора фабрика.

И вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи на фактот дека се дојдени повеќе странски директни инвеститори во земјава и оти тоа говори дека Македонија станува атрактивна бизнис дестинација, додека според Бил Павлески, бизнис-форумот е одлична можност да се претстават предностите за инвестирање во Македонија. Тој изрази надеж дека силни корпорации кои веќе се присутни во ЈИЕ ќе дојдат и во Македонија бидејќи од пред 1,5 година е забележливо дека тие бараат нови локации за својот бизнис кои нудат поповолни услови, а Македонија е една од тие што нудат поволни бизнис услови.

Комората претставува компании од девет земји како Италија, Германија, Австрија, Словенија, Унгарија, Србија, Романија и Бугарија.

06.12.2013 - 14:11
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега