Мемети: Има подобрување на човековите права

Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети во пресрет на 10 декември - Денот на човековите права, за МИА изјави дека во Република Македонија се забележуваат извесни придвижувања во однос на човековите права кои даваат мал позитивен сигнал за подобрување.

- Сите институции треба да вложат уште поголем напор за да можеме да кажеме дека квалитетно и ефикасно им овозможуваат на граѓаните да ги остваруваат слободите и правата, рече Мемети кој потенцира дека загрижува тоа што и годинава забележлив е трендот на одолжување на судските постапки, но и постапките по управните спорови што доведува до отежнат пристап до правдата, а тоа не е добро за општеството генерално.

Иако незначително е намален бројот на претставките од  потрошувачките права, сепак и 2013 година, како што вели, покажува тренд на кршење на правата на граѓаните како потрошувачи или како корисници на електрична енергија, топлинска енергија и други комунални услуги.

- Токму заради тоа се уште сметам дека е потребно надградување на правната регулатива, со цел непречено остварување на правата на граѓаните и почитување на принципите на пазарното стопанство и правото на избор на потрошувачот како корисник на одредени услуги, додава тој.

За состојбата со затворите, мемети одговара: - Во таа насока и понатаму не се исполнети меѓународните стандарди за 4м2 по лице во просторија за сместување, а во поголем дел од затворите е затекната состојба на сместување на повеќе од 5 лица во една просторија што е законски максимум согласно Законот за извршување на санкциите. Иако нашиот систем се заснова на рехабилитација, сепак во најголемиот дел од затворите тоа изостанува, а воедно и не функционира образовниот систем, што пак го зголемува ризикот од  создавање на повратници. Воедно во поголем дел од установите беше забележано немање соодветни услови за приемните одделенија што доведува до ширење на криминогената инфекција, вели Мемети.

06.12.2013 - 09:35
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега