Орбан: Македонија мора да влезе во НАТО и ЕУ

„Европа мора да го смени својот однос кон Балканот, Балканот не е проблем туку можност на Европа, а Македонија има клучна улога за стабилноста и ако сакаме стабилност на Балканот, Македонија мора да стане членка во НАТО и ЕУ“

Ова го изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин премиерот Никола Груевски.

- Во изминатите години Европа многу загуби од својата тежина, и мора да се позабави со изнаоѓање начин да го врати своето влијание во светот, а тоа најдобро може да го направи со Балканот, рече унгарскиот премиер.

СПоред него, поддршката не треба да е само резултат на симпатии туку и интерес.

Премиерот Никола Груевски истакна дека Унгарија е искрен пријател на Македонија со која имаме одлични политички и пред се пријателски односи, посочувајќи ја денешната посета како потврда за тоа. Премиерот потенцираше дека Македонија особено ја цени поддршката на Унгарија и на Вишеградската група за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ.

- Од премиерот Орбан и во оваа пригода добивме потврда дека поддршката од Унгарија за што поскоро отпочнување на пристапните преговори на РМ со ЕУ ќе продолжи со ист интензитет, додаде Груевски.

На средбата се разговарало и за економската соработка. Орбан се осврна на спогодбите кои беа потпишани во Владата и на бизнис форумот кој треба да се одржи денеска со учество на над 30 унгарски компании. Очекува, вели, тоа да биде добра можност за нивно запознавање со македонски компании и да споделат искуства кои може да им бидат од заемна корист.

- Не доаѓаме како империјалисти, туку сакаме да соработуваме во оние области каде вие имате интерес затоа што сакаме да ви помогнеме во проектите кои се спроведуваат во Македонија и да ви ги пренесеме нашите искуства во полето на земјоделството, водостопанството, преработката и рециклажа на отпадни материјали, и каде можеме да придонесеме во изградбата на стопански капацитети во Македонија, рече унгарскиот премиер.

Тој особено ја подвлече потребата од градење соработка меѓу младите генерации кои треба да бидат основата на идното пријателство со обезбедување 20 стипендии за македонски студенти кои ќе може да студираат на унгарските универзитети, а посакува и унгарски студенти да допатуваат во Македонија.

Премиерот Груевски посочи дека во контекст на натамошно унапредување на како што вели добрите економски релации двајцата заклучиле дека се добри, се потпишани и повеќе акциски планови од областа на образованието, културата и договор за соработка во областа на животната средина.

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов попладнево ќе го одликува Орбан со орден „8-ми Септември“ како докажан пријател на Македонија.

05.12.2013 - 15:30
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега