Не влегувајте во автомобил ако не морате - на пладне Скопје блокирано

 

Од Министерството за внатрешни работи информираат поради денешната официјална посета на претседателот на Владата на Република Унгарија Виктор Орбан ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим.

- Орбан ќе пристигне на аеродромот „Александар Велики“ околу 11 часот. За време на движењето на колоната возила под придружба во Градот Скопје како и по сообраќајниците низ градот ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќај што подразбира апсолутен приоритет на минување низ сите сообраќајници поради што апелираме до сите граѓани, посебно до возачите да бидат трпеливи, да ги почитуваат наредбите што ќе бидат давани од страна на полициските службеници. Веднаш по поминување на колоната под придружба ќе бидат преземени мерки за целосно нормализирање на сообраќајот, се вели во извештајот на МВР.

Од МВР информираат и дека покрај мерките што ќе се преземат за посебното обезбедување, се очекува зголемен интензитет на сообраќајот особено во централното градско подрачје поради што ќе се преземаат мерки за зголемување на проточноста преку физичка регулација на сообраќајот и преземање мерки против непрописно паркираните возила. Во оваа насока засилено ќе се користи и специјалното возило „пајак“.

05.12.2013 - 11:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа