Со СМС порака граѓаните ќе се потсетуваат дека имаат закажано преглед

 

Од 16 месецов официјално стартува проектот за известување на пациентите преку порака за датумот и часот на нивниот закажан термин. 

Министерот за здравство, Никола Тодорв, денеска најави дека дневно ќе се праќаат по 5.000 СМС пораки со кои граѓаните ќе бидат потсетувани за закажаните прегледи, а воедно и апелираше граѓани при реализација на прегледот кај матичниот доктор да го остават својот мобилен телефон за што поуспешно информирање на пациентите и почитување на закажаниот термин.

- Констатиравме дека има определен број пациенти кои не доаѓаат на закажаните термини. Ова претставува сериозен проблем во системот бидејќи тој е така поставен во тој ден треба да одговори на тој број пациенти, а пациентот не доаѓа на закажниот термин. Значи докторот е таму, времето е резервирано, пациентот не дошол, а за таа сметка некој друг пациент чека еден или повеќе денови за да добие конкретен термин, истакна Тодоров и додаде дека на овој начин беа прочистени околу две илјади термини и се ослободија нови две илјади.

Појасни дека со навремено откажување на прегледот секој граѓанин придонесува терминот да биде искористен за преглед на друг пациент: - Имаме можност со оваа алатка да им испраќаме СМС порака на сите лекари колку прегледи ќе имаат наредниот ден, со кои упатни дијагнози за да знаат каква работа и колку работа ги чека тој ден. Ова нема само информативен карактер, туку и карактер на сериозно подигнување на квалитетот на здравствената услуга бидејќи лекарот ќе знае со какви пациенти наредниот ден ќе работи, можеби треба да се подготви, да прочита, да се консултира, да размени мислење со некој негов колега и со еден збор да биде целосно подготвен за она што го чека како работа наредниот ден, нагласи Тодоров.

04.12.2013 - 15:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега