На местото на Универзална ќе никне нова сала во форма на јајце

 

Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, денеска го презентираше идејното решение за новата концертна сала која ќе се гради на местото на Универзалната сала во Скопје.

Салата ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории, а идејното решение е на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“. Како што денеска посочи министерката за култура, со овој преокт градот Скопје и Македонија ќе добијат нов, модерен објект кој ќе овозможи современи услови за одржување манифестации и настани од секаков вид, кој ќе биде нов хералдички знак на градот.

Архитектот и претседател на Комисијата Вангел Божиновски соопшти дека на конкурсот се пријавиле автори со разновидни размислувања: - Драго ми е што доби признание и можност за натамошна реализација едно  барокно решение, кое барокот го третира на специфичен начин, во рамките на еден модерен израз... На проектот му претстои сериозна работа понатаму за да може да се доведе во фаза на изведба, рече Божиновски.

Архитектот Павлевски откри дека јајцевидниот облик на идната сала симболизира раѓање зашто во Универзална се одржале многу детски фестивали од кои изникнале многу македонски музички ѕвезди.

- Понудивме современо решение со кое мислиме дека Скопје ќе добие нова репер-точка препознатлива во регионот и во Европа, рече Павлевски.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на прес-конференцијата искажа задоволство што ќе почне да се реализира значаен проект за главниот град, зашто Универзалната сала, рече тој, е на работ на одржливост.

- По подолго време граѓаните на Скопје ќе добијат нова Универзална, со двојно поголем капацитет, современа, со сета можна опрема, така што она култно, културно место во Скопје ќе стане уште позначајно, рече Трајановски.

За потсетување, одлуката за реконструкција на Универзалната сала ја донесе Владата поради дотраеноста на  50 години старата Универзална и потребата истата да се прошири.

04.12.2013 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега