Ковачевски во Берлин: Во фокусот соработка меѓу земјите од Западен Балкан
Премиерот Димитар Ковачевски ќе предводи владина делегација на средбите на лидерите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес кој се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.
Во состав на владината делегација се вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На Самитот ќе се одржат неколку сесии на кои е предвидено премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, да дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.
За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификациите за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, информираат владините служби.
Фокусот на Берлинскиот процес е со поддршка на Европската комисија да се зајакне и унапреди меѓусебната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан. Оваа соработка е во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации, слободно движење на луѓе и стоки и истата треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа