Зврлевски: Примена на новиот Закон за кривична постапка се одвива без проблеми

Јавниот обвинител Марко Зврлевски денеска изјави дека Законот за кривична постапка се применува и донесени се првиот одредби без никакви проблеми. Тој денеска оствари средба со министрите за правда и за внатрешни работи Блерим Беџети и Гордана Јанкулоска.

- При сторено кривично дело разликата во однос на досегашната постапка е што по известувањето од МВР на лице место излегуваа јавниот обвинител заедно со истражниот судија, а со увидот раководеше истражниот судија. Од сега, согласно новиот Закон за кривична постапка, истражниот судија не постои, туку јавниот обвинител е тој кој самиот излегува на лице место заедно со претставници на правосудната полиција. Постои протокол за соработка меѓу полицијата и обвинителството и во него ќе бидат уредени и односите за известувањето, појасни Зврлевски.

Согласно Законот, кој што стапи на сила од 1 декември, автоматски постои и правосудната полиција. Ја сочинуваат сите полицајци кои досега работеле на криминалистички настани, како и органите кои се бавеле со откривање и гонење, додека одлука за формирање на Истражниот центар е донесена, но додава, во моментов се уште не се појавила потреба за брзо формирање. Дополнително, вели, ќе биде соопштено колкав број службеници ќе бидат вклучени во тој центар. 

Министерката Јанкулоска на средбата изјави дека со новиот Закон се редефинира постапката, но ипонатаму полицијата во целост стои на располагање на обвинителот и ќе ги извршува сите оние законски надлежности кои ги гарантираат Законот за внатрешни работи и Законот за полиција. 

На новинарско прашање Зврлевски рече дека Јавното обвинителство е доволно екипирано со обвинители, а во постапка е доекипирање со стручни соработници и администрација.

02.12.2013 - 14:42
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега