"Што ќе правам сега што ќе им кажам на моите?" - потресна исповед на скопјанец заразен со ХИВ

 

Во рамки на одбележувањето на светскиот ден против СИДАТА, ви ја пренесуваме приказната на млад скопјанец кој како што вели иако е одговорен, поради мало невнимание ја добил болеста. Момчето си ја отвори душата за Утрински весник, и ја раскажа својата тажна судбина.

- „Вирусот го добив по сексуален пат. Мислев дека тоа не постои кај нас и оти мене не може да ми се случи. Во принцип, секогаш користев заштита при сексуалните односи, но, ете, се случи. Во два-три случаи потфрлив во доследноста“. Се сеќавам, првото прашање кое гласно го изустив беше ’што ќе им кажам на моите?‘ Се плашев дека тие ќе се исплашат уште повеќе. За среќа, лекарите ми објаснија дека во првиот момент никој не мора да ја дознае дијагнозата и дека е мое право и моја одлука со кого и кога ќе ја споделам, вели момчето.

Тој додава дека е вработен и дека има голема среќа што има верни пријатели кои му пружиле поддршка во тешките моменти.

- „Не бев доволно информиран и мислев дека сега и обична настинка би можела да ме убие. Во прво време ја споделив тајната само со еден близок пријател и извесен период не кажував никому, бидејќи сакав самиот да се соочам со новата ситуација и да научам како да живеам со неа. Дома најпрвин му соопштив на својот вујко, бидејќи знаев дека тој ќе умее да реагира сталожено и ќе ми биде поддршка. Потоа и' кажав на мајка ми, и таа храбро ме ислуша и и' ја објаснив целата ситуација. По неколку месеци, кога стекнав сигурност што значи да се живее со ХИВ, им кажав на повеќе блиски пријатели и добив голема поддршка, додава скопјанецот. 

- „На ХИВ мислам само два пати на ден, кога треба да ги земам таблетите. Правам се' што правев и претходно – работам, се дружам, спортувам, можам да водам љубов. Единственото на што внимавам е секогаш, без исклучок, да користам заштита при сексуален однос, бидејќи навистина не сакам никого да изложам на ризик“, додава скопјанецот.

Инаку, во Македонија се регистрирани 194 случаи на заболени од 1987 година досега, од кои 25 се годинава. Од новорегистрираните 25 лица годинава, 23 се од машки пол, а две лица се од женски пол. Според местото на живеење, од тие 25 лица, 18 се од Скопје, а по едно од Куманово, Богданци, Охрид, Крива Паланка, Штип, Струга и Тетово. 

01.12.2013 - 13:16
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега