Пукањето во Скопје прв тест за обвинителите - стартува новиот Закон за кривична постапка

Од денеска на сила стапува новиот Закон за кривична постапка со кој во целост се менува функционирањето на обвинителството, полицијата и судството. Клучна улога во истрагите добива јавниот обвинител, кој од сега задолжително излегува на терен и соработува со полицијата во прибирањето на доказите, а се намалува улогата на судот во истрагата, преку учинување на институтот истражен судија и воведување на функцијата судија во претходна постапка.

Согласно новиот закон, повеќе нема да постои монопол на полицијата во постапката на прибирање докази, туку главниот збор ќе го има Јавното обвинителство. Судот не предлага докази, туку обвинителството е должно да ги собере сите докази пред да започне судењето. Се очекува постапката во истрагата да се забрза, а поефикасни да бидат и самите судски процеси.

Со ова, македонската казнена постапка се приближува кон модерните демократски казнени процедури, кои обезбедуваат баланс помеѓу интересите на државата и правата на обвинетиот. Јавниот обвинител веќе изрази оптимизам дека обвинителството е подготвено за имплементирање на промените, во новиот ЗКП. 

 „Начинот на кој ќе се спроведува кривичната постапка во кривичните предмети во сите фази, согласно со одредбите на новиот Закон, ќе доведе до побрзо и поефикасно исполнување на основните постулати на кривичното законодавство и тоа како во поглед на конкретните предмети, така и во глобална смисла, а пред се‘ овде мислам на спроведување на правдата. Очекуваме дека јавното обвинителство без никакви потешкотии и целосно организирано и структурирано, а заради претходните интензивни подготовки, уште од првиот ден ќе може реално да го применува новиот Закон за кривичната постапка“, изјави Зврлевски.

01.12.2013 - 11:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега