Привршува пријавувањето за сместување студенти од втора до шеста година во студентските домови
До 5 август трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови, кое почна на 18 јули, и се однесува на студенти од втора до шеста студиска година и апсолвенти. За студентите од прва година, рокот за аплицирање е од 5 до 16 септември 2022, односно откако ќе помине првиот рок за упис на факултетите за академската 2022/2023 година.
Според Конкурсот, слободни се 4834 легла за редовни студенти на додипломски студии во 12 домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово. Од вкупниот број, 3669 легла се наменети за студентите од втора до шеста година и апсолвенти, а 1165 се за студенти кои ќе се запишат во прва година.
Со најмногу слободни места (1186) располага студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Следуваат ДСД „Пелагонија“ во Скопје со 997 места и „Стив Наумов“ – трета зграда со 601 легло, покрај 138-те легла во новите бараки во овој студентски дом во главниот град.
Конкурсот овозможува сместување и во домовите: „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје (370 места), „Кочо Рацин“ во Битола (385), „Никола Карев“ во Охрид (242), „Орде Чопела“ во Прилеп (335), ПСД „УЈИЕ“ во Тетово (120) и во четири домови во Штип: ДСД „Браќа Миладиновци“ (236), ПСД „Оаза“ (112), ПСД „Хилјадников“ (60) и ПСД „Логос“ (52).
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот: e-uslugi.mon.gov.mk. Може да конкурираат за прием во само еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сѐ до нивното пополнување, но најдоцна до 15 ноември 2022.
Во Конкурсот објавен од Министерството за образование и наука (МОН) се наведени условите за прием и критериумите при селекција на кандидатите, начинот и роковите за пријавување и документите потребни за конкурирање.
Конечниот список за прием на студентите од втора и од повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2022, а за студентските од прва година – на 30 септември 2022, на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на МОН. Приговор по резултатите ќе може да се достави онлајн на електронската адреса: studentski.smestuvanja@mon.gov.mk во рок од пет дена од денот на објавувањето на резултатите.
Согласно роковите за сместување наведени во Конкурсот, студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од десет дена од објавениот конечен список.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа