ФОТО: „Златна зора“ збесна - за грчката пошта сме Македонија
Неофашистичката партија „Златна зора“ денеска објави документ од грчката пошта во кој нашата земја е наведена како Македонија, по што бурно реагираше и повика на одговорност неколку грчки министерства, јави дописникот на МИА од Атина.
Се работи за допис од норвешката Амбасада до македонската Амбасада во Грција, кој е од април годинава и е на грчки јазик. Документот е адресиран до „Амбасадорот на Македонија”, што предизвика бурна реакција од страна на грчките неофашисти кои побараа и оставки од одговорните во администрацијата на поштата.
„Златна зора“ за „инцидентот“ упати и пратенички прашања до министерот за инфраструктура, транспорт и врски, до шефот на дипломатијата и до министрите за внатрешни работи и за Македонија и Тракија.
Грчките неофашисти прашуваат дали карактеризирањето на примачот како „амбасадор на Македонија“ ја одразува денешната позиција на грчката Влада во прашањето за името и дали ова неформално и индиректно "признавање" на Скопје како "Македонија" е во рамките на отстапувањто на националниот суверенитет и банкротот во грчката надворешна политика. Тие со прашања и какви ќе бидат казните за државните службеници кои, се вели, го игнорираа или прифатија овој предавнички чин и како ќе се гарантира дека нема да се повторат слични феномени во некоја друга државна служба.
Во рекацијата на партијата се наведува и дека „на клучните позиции во јавниот сектор во Грција се поставени луѓе кај кои нема ни трага од патриотизам и им наштетуваат на државните интереси“.
МИА
ФОТО: Канал 5