Шолц во Скопје и Софија: Се обидува да издејствува решение за спорот меѓу двете земји

 

Канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц денеска ќе пристигне во Скопје во официјална посета.

Како што соопшти владината прес-служба, канцеларот Шолц и неговата делегација на платото пред Владата на Република Северна Македонија ќе ги пречека премиерот Димитар Ковачевски, со церемонија за пречек со највисоки државни и воени почести.

Според агендата, после церемонијата на пречекот, предвидена е тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.

Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Шолц во Скопје доаѓа по неговата посета на Приштина и Белград, во рамки на дводневната посета на регионот. 

Во Белград на прес-конференцијата со српскиот претседател Вучиќ, тој порача дека Германија сака да ја протурка европската перспектива на Западен Балкан ветена пред две децении во Солун и во исто време очекува кандидатите да се приклучат на санкциите против Русија.

На средбата со косовскиот премиер Албин Курти, пак, Шолц рече дека Косово и Србија треба да доведат до политички решенија преку сеопфатен договор. – Дијалогот е пат кој отвора европска перспектива за Косово. Политичкиот договор меѓу двете земји е важен услов за перспективата на младите во Косово. Договорот на крај би требало да го реши косовското прашање бидејќи е незамисливо две земји што не се признаваат меѓусебно да станат дел од ЕУ. Двете страни мора да се приближат една до друга, порача тој.

По посетата на Скопје, германскиот канцелар заминува за Софија, на средби со бугарскиот државен врв.

11.06.2022 - 10:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега