Пренџов: Денот кога ние ќе влеземе во ЕУ, тогаш Бугарите ќе бидат дел од нашиот Устав
Во емисијата ,,24 анализа“ на телевизија 24, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, изрази јасна поддршка за претседателот на Влада, Христијан Мицкоски и за неговата меѓународна активност, по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон. Пренџов истакна дека иако ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува дипломатските напори за унапредување на позициите на Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ, не прифаќајќи уцени или диктати кои се спротивни на националните интереси.
„Нашиот став е многу добро познат дека не прифаќаме уцени и диктати. Од друга страна, многу е важна меѓународната активност на владата, која се одвива со многу големо и жестоко темпо. Изминативе 4 месеци Вашингтон, Лондон, Прага, па сега и Будимпешта. Ова е многу добра иницијатива која ја иницираше претседателот на Франција, Емануел Макрон каде што се одржуваат средби на сите влади на сите европски држави, без разлика дали се членки на ЕУ или не и без Русија“, изјави Пренџов.
Пренџов нагласи дека оваа активност е клучна не само за лобирање на интересите на Македонија, туку и за создавање нови билатерални односи кои ќе придонесат за економскиот развој, додавајќи дека Македонија треба да се стреми кон силна дипломатија која ќе овозможи континуиран развој во сите сфери.
„Ова е одлична можност не само за политичките разговори и лобирањето за Република Македонија и кажувањето на вистината и нашите ставови, туку и можност да се разговара со билатерални сили со цел да воспоставиме други држави со кои традиционално ги немаме тие билатерални односи, како и да се развие економијата. За нас, како мала држава, важно е да имаме една ваква силна дипломатија“, истакна Пренџов.
Пренџов се осврна на одлуките кои ги носела владата на СДС и ДУИ изминативе 7 години и кои прифаќале компромиси спротивни на волјата на македонскиот народ.
„Она кое што го имаме во јавноста во изминатиов период е дека владата на СДС и ДУИ на сите странски делегации, на сите челници на влади им кажувале дека нема никаков проблем да се прифати нешто за кое што, три четвртини од македонскиот народ беше против“, посочи Пренџов.
Пренџов ја нагласи позицијата на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија треба да продолжи со процесот на интеграција во ЕУ, но тоа да се случи без отстапки од националниот интерес.
„Нашата цел е, како Македонците и сите граѓани кои живеат во Република Македонија да ги внесеме во ЕУ. Ако целта на бугарите е да влезат во македонскиот Устав, е денот кога ние ќе влеземе во ЕУ, тогаш тие ќе бидат дел од нашиот Устав, и од таа позиција не се поместуваме“, изјави Пренџов.
Пренџов истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори за интересите на Македонија и ќе побара поддршка од европските држави за да се заштитат интересите на земјата во процесот на интеграција во ЕУ.
„Влада која нема народен кредибилитет и легитимитет и договара нешто кое е спротивно на нивниот народ и спротивно на волјата на граѓаните, е нешто кое ние сега сме должни да го исправиме и да го разговараме, и да побараме помош од било која европска држава“, заклучи Пренџов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа