Продолжува борбата со нелегалните превозници во Македонија

 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска изјавија дека само во текот на изминатата недела запленети се девет возила кои вршеле нелегален превоз на патници.

- Во текот на минатата година и првиот квартал на оваа година направивме над 400 заеднички контроли, каде што инспекторатот е носител на контролата, а Министерството за внатрешни работи дава асистенција при што беа одземени 220 возила. Меѓутоа со заострената регулатива, овозможувањето на трајно одземање на возилата на превозниците кои нелегално вршат превоз во патниот сообраќај, само во текот на вчерашниот и завчерашниот ден беа одземени трајно девет возила, рече Јанкулоска.

Двајцата министри задоволни од досегашната работа, најавија понатамошна соработка помеѓу министерствата.

Деветте возила кои беа запленети минатата недела се во вредност од 10 милиони денари и тие ќе и припаднат на државата.

Министерот Јанакиески истакна дека со оваа акција сакле да им излезат во пресрет на легалните превозници, со што анализите покажале дека бројот на патници кај легалните превозници бил драстично зголемен.

- Со трајно одземање на возилата, се работи за возила кои во просек чинат околу 15.000 евра, нема да им се исплати незаконски да возат и исто така покрај одземањето на возилото, плаќаат и глоба од 500 евра, истакна Јанакиески.

Со акцијата која ја спроведоа министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски се зголемил бројот на патници кои легално ги купиле своите билети. 

најчитано сега