Ковачевски: Продолжуваме со субвенционирање на 80% од цената на струјата за домаќинствата до крајот на годината
На прашањето кога може да се очекуваат нови пакет мерки за граѓаните и компаниите, при посетата на компанијата „МАК ТАБ“ во Пробиштип, премиерот Ковачевски истакна дека Владата реагираше веднаш на почетокот на енергетската криза, кога го намали на ДДВ на електрична енергија и изврши субвенционирање на 80% на сметките на граѓаните, бидејќи 80% од цената на електрична енергија е субвенционирана од страна на државата и посочи дека тие мерки продолжуваат до крајот на оваа година.
Во однос на храната, како што подвлече, прво беа замрзнати цените на прехранбените продукти, а потоа кога таа мерка го исцрпи својот капацитет, беа ограничени маржите во мало и големопродажбата.
Во овој момент, истакна Ковачевски, се прави редизајн на дел од мерките и кога ќе бидат направени сите анализи ќе биде воведен нов сет на мерки.
„Не се сите мерки укинати. Поддршката која се дава на граѓаните со најниски примања е останата на сила, следува усогласување на пензиите во септември. Во најголемиот дел од секторите, во јавниот сектор платите се зголемуваат. Исто така во делот на електрична енергија остануваат мерките до крајот на годината“, рече Ковачевски.
Што се однесува до претстојниот ребаланс на буџетот што е предвиден и предложен во Собранието, веќе се предвидени нови 80 милиони евра за антикризни мерки.
„Знаете дека во пакетот од 400 милиони евра имаше дел кој се однесува на компаниите и тоа повеќе мерки за гарантен фонд за подигнување на кредити, потоа кредити со ниска каматна стапка за одржување на ликвидноста и кредити преку развојната банка и комерцијални банки со субвенционирани камати заради енергетска трансформација и имплементација на обновливи извори на енергија во компаниите. Една од тие компании е и „МАКТАБ“ која информираше дека е во финална фаза на отпочнување на изградба на 6 мегаватна централа која што ќе ја снабдува фабриката со електрична енергија“, истакна Премиерот.
Во однос на цените на производите во малопродажбата, Ковачевски потсети дека веќе и дел од министрите информираа дека нема да се дозволи дел од дистрибутерите да ја злоупотребуваат позицијата на растечки цени од увоз и на тоа да додаваат поголеми маржи.
„Инспекциите ќе работат на терен и ќе нема никаква селективност во инспекциите и спроведување на законот, на добрите практики на однесување во услови на најголема криза“, рече Премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа