СОНК и МОН на нова средба на 17-ти мај: Синдикатот очекува да падне одлука

 

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука денеска попладне треба да имаат нова средба на која ќе се разговара за процентот на зголемување на платите. По завчерашната, Синдикатот соопшти дека на средбата закажана за денеска очекува да се постигне конечно усогласување на ставовите за ова прашање, како и за колективните договори за основно и средно образование и временска рамка за изработка, потпишување и нивна примена.

Нова преговарачка средба на СОНК со Министерството за труд и социјална политика за отворените прашања во дејноста детска заштита, пак, е договорена за 17 мај откако на вчерашната средба двете страни разговарале за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со  јуни.

МТСП по средбата информираше дека било разговарано и за барањата кои се дел од одлуката за штрајк на вработените во градинките и прашањето за платите на вработените за време на штрајк.

Повикувајќи се на одредбите на Законот за работни односи и Колективниот договор за предучилишните јавни установи, ставот на МТСП е дека на учесниците на штрајкот  работодавецот е должен да им уплатува придонеси и даноци од плата, утврдени со посебните прописи, на минималната основица за плаќање на придонесите. Организаторот на штрајкот, пак, од свои средства да им обезбеди надомест на нето-плата за време на штрајк на работниците кои учествувале во штрајкот.

Преговорачките средби на Синдикатот со двете министерства се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако во неделата истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.

Генералниот штрајк кој почна на 11 април, беше ставен во мирување на 28 април кога СОНК беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување. Синдикалниот лидер Јаким Неделков тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со Владата односно со ресорните министерства.

 

13.05.2022 - 09:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега