Суетата поголема од придобивките за Македонците во Австралија

Часовите по македонски јазик што се одржуваат во Културно-образовниот центар „Илинден“, кој се наоѓа веднаш до црквата „Света Петка“, во Рокдајл, Сиднеј се пред укинување. На овие часови, во главно, присуствуваат возрасни ученици, кои немаат македонско потекло, но се во некаква врска со Македонци или Македонки во Австралија и сакаат да го научат македонскиот јазик и да се запознаат со македонската култура и традиција.

 Недоразбирањата меѓу владиката Петар и црковниот одбор на општината „Света Петка“,  најверојатно ќе резултира прекинување на часовите, и на тој начин ќе им се ускрати желбата на оние кои сакаат да го изучуват македонскиот јазик.

 

 Веќе подолго време свештеникот Митко Митрев, кој е поставен од владиката г. Петар ги опструирал часовите по македонски јазик.

 

 Според Жаклина Михајлова, претседателката на Македонскиот просветно училишен одбор за Нов Јужен Велс, свештеникот заедно со група луѓе постојано го вознемирувал класот за возрасни, ја узурпирал училницата и го попречувал одржувањето на часовите.

 

 - Тие влегуваат во училницата и разговараат на глас. Нашите учители се приморани да ја трпат таа дрскост, зашто културата не им дозволува да се расправаат со свештеник. Неколку пати му укажале на свештеникот дека за време на часовите учениците сакаат да се концентрираат и да научат нешто, но на тоа свештеникот и неговата тајфа одговарале дека нема да ја напуштата училницата. Ние сме сигурни дека свештеникот со ваквото однесување не ги запазува ни основните начена на христијанството-вели претседателката Михајлова.

 

 За овој проблем Михајлова како претставник на Македонскиот просветно-училишен одбор веќе ја исвестила Управата на Македонската православна црква „Света Петка “ во Рокдајл, а најавуваат дека помош ќе бараат и од Архиепископот г.г Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

 

 Скандалозно е тоа што недоразбирањата на релација владиката Петар и управниот одбор се прекршуваат врз тамошните Македонци кои сакаат да одат во црква и да ја следат и практикуваат македонската традиција.

 

 Учениците што го изучуваат македонскиот јазик се потенцијални зетовци или снаи на македонските иселеници, кои допрва треба да се венчаваат и да ги крштеваат нивните деца, односно да ги посетуваат македонските цркви во Австралија. Затоа, како што вели Мијајлова, нивна должност е да ги привлечат со позитивни примери, што не е случај со недоличното однесување на свештеникот Митко Митрев.

 

 Учениците што ги посетувале часовите биле шокирани од однесувањето на свештеникот Митрев, голем дел од нив веќе ги напуштиле часовите, зашто не сакаат да имаат стрес кога доаѓаат доброволно да го изучуваат македонскиот јазик.

 

 - Однесувањето на свештеникот Митрев покажува дека тој има конкретни цели што сака да ги постигне. Сака да го избрка македонскиот народ од црквата и да ги сотре сите негови активности во црковните објекти, како и да го затвори Културно-образовниот центар и да ја омаловажи управат на црквата „Свети Петка“-објаснува Михајлова.

 

 Инаку, пред една година со поделбата на австралиско-новозеландската епархијата, црковната општина „Света Петка“ остана во недефиниран статус со заклучок на Синодот на МПЦ-ОА дека по завршувањето на судскиот спор ќе биде одредено дали таа ќе припадне под надленост на владиката Тимотеј или во групата цркви што ги управува владиката Петар.

 

 

 

 

 

 

25.11.2013 - 10:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега