Груевски испрати честитка за Денот на албанската азбука

Никола Груевски лично и од  име на Владата им го честита Денот на албанската азбука на Албанците во Република Македонија.

- Ова е еден од значајните празници на граѓаните со албанско етничко потекло, кој го одбележуваме согласно нашите заложби и уставно загарантираните права на заедниците кои живеат во Република Македонија. Писмото и писменоста се придобивка, но и постојан двигател на човековиот стремеж за напредок и еманципација. Тие се огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и идентитетот на народите. Нивното негување претставува почитување на културните и цивилизациски обележја на народите, пишува во честитката на претседателот на Владата.

Во неа Груевски додава дека и во  иднина Владата ќе остане доследна на своите политики на почитување на различностите во државата и негување на мултиетничкото општество.

- Почитувајќи ги идентитетските обележја, покажуваме дека се почитуваме еден со друг. Почитувањето од своја страна раѓа доверба, а довербата раѓа искрен пристап и заеднички напори во насока на развој и напредок на нашата држава, а со тоа и подобар живот на нашите граѓани. Искрено верувајќи во ваквите принципи, ве повикувам заеднички да работиме на нивното негување, во секој домен на нашето општество и во секој дел од нашето секојдневие, стои во честитката на Груевски по повод Денот на албанската азбука

21.11.2013 - 16:53
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа