Сарачини во Сараево ги претстави приоритетите за Македонското претседавање со ЦЕФТА

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска беше дел од седмиот состанок на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА 2006 Договорот во Сараево.

- Одлучивме да ја прилагодиме Програмата за претседавање на начин што ќе ги опфати четирите димензии на столбот за „Интегриран раст“ во своите приоритети. Прилагодената Програма треба да придонесе во воспоставување на врската помеѓу приоритетите на ЦЕФТА и ЈИЕ 2020, како и да обезбеди нивна конзистентност, кохезија и примена, преку  соодветна координација помеѓу сите релевантни чинители на ЈИЕ 2020, преку интерактивно јакнење на ЦЕФТА Програмата и Стратегијата, објасни Сарачини на министерскиот состанок.

Како приоритети за Македонското претседателство со ЦЕФТА, Сарачини ги посочи, натамошната либерализација на трговијата со земјоделски производи и трговијата со услуги, елиминирање на нетарифни бариери и непотребните технички бариери во трговијата, олеснување на трговијата со вклучување на транспарентни алатки и поедноставување на трговските процедури.

- Верувам дека со овие приоритети ќе воведеме нова реформа на ЦЕФТА Мешовитиот комитет, кој се грижи за непречено спроведување на одредбите од договорот, истакна Сарачини.

Примената на Стратегијата на ЈИЕ 2020 се очекува да започне во 2014, во време кога Република Македонија ќе претседава со ЦЕФТА, по втор пат, по 2007 година.

20.11.2013 - 16:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега