Се враќа логото „Купувајте македонски прозиводи“
Од 1 јануари 2014 година трговците ќе треба електронски да се поврзат со Управата за јавни приходи преку надградба на фискалните апарати и инсталирање т.н. интегриран автоматски систем за управување., предвидуваат измените на Законот за регистрирање на готовински плаќања што денеска беа поддржани од собраниската Комисија за финансирање и буџет.
- Постојаната електронска комуникација на даночните обврзници со УЈП ќе ја подобри фискалната дисциплина што е стратегиска определба на Министерството за финансии, додека воведувањето на „македонското сонце“ на сметките се очекува да ги стимулира призводството и потрошувачката на домашните производи, рече ресорниот заменик министер Ардијан Џеладини.
Инсталирањето на интегрираниот автоматски систем за управување ќе трае до 31 март 2014 за даночните обврзници чиј промет претходната година надминал 10 милиони денари (угостителски објекти и трговци кои вршат промет со нафтени деривати на мало - бензински пумпи), и до 30 јуни за останатите даночни обврзници.
Опозицијата се спротивстави на понудените решенија со образложение дека во услови на криза, наместо да се олесни работата на стопанството, се воведува ново финансиско оптоварување.
- Измените отвораат многу прашања и дилеми. Зошто баш сега, во услови на криза, трговците да купуваат GPRS терминал и да го менуваат софтверот за фискалните сметки, колкави ќе бидат трошоците и кој ќе ги покрие, праша претседателот на Комисијата Марјанчо Николов според чии проценки бизнисите за оваа намена ќе треба да одвојат по минимум 200 евра.
Забелешка имаше и пратеникот Самка Ибраимовски кој смета дека потрошувачката на македонски производи може да се стимулира поинаку, со контролирање на увозот зависно од количиниата на домашното производство.
На тоа реплицираше Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ кој нагласи дека целта на законските измени е да се намали сивата економија. Тој е убеден дека односите на пазарот нема да се нарушат. - Ваква мерка воведе и Германија за заштита на сопственото производи, а таквите примери, особено од развиените економии, треба да ги следиме, рече Тренов.
- Не можеме да забраниме купување на странски производи. Напротив, треба да го стимулираме домашното производство и да ја поттикнеме продажбата на македонските производи. За сите стопанственици ќе има олеснувања. Нема некоја дилема дали ќе ги чини повеќе или помалку воведувањето на законските измени, истакна Џеладини, додавајќи дека ефектот од примената на „патриотските фискални сметки“ не можел да се увиди зашто периодот на нивната примена од неколку месеци во 2008-ма бил многу краток.