Александар Спасовски: Пратенички имунитет

 Новите собраниски ѕидови како уште толку да ја заштитија институцијата пратеник. Од зад тие ѕидови, господата во одело можат да зборуваат што сакаат. Можат да обвинат кого сакаат и за што сакаат, а за тоа да не одговараат пред законот. Тоа е таа глупава институција која се вика, пратенички имунитет. Редовно се злоупотребува. Но добро, можеби и не е толку лошо кога се обвинуваат функционери на власта, опозицијата, па ете и оние во судската власт. Но кога некој ќе почне да обвинува обични граѓани од зад собраниската говорница, тогаш пратеничкиот имунитет како форма за заштита на слободата на говорот на пратениците го губи секое значење.
Еден пратеник (поранешен новинар)  кој меѓу новинарите (па и оние кои до пред неколку години работеа со него) важи за џелат на македонското новинарство и гори во желбата еден ден да стане министер, денеска, фрли директни клевети врз некои земјоделци, кои на своја иницијатива (или не) решија да го критикуваат лидерот на партијата од која доби пратеничко столче. Без да навлегувам во мотивот на овие земјоделски лидери да критикуваат, се прашувам, зошто пратеникот не застана на говорницата на Бихаќка и оттаму да ги упати квалификациите кон овие луѓе.

„Стаменов ,Тантаров, Аризанов, Шаклев, Андреја Секуловски, Данчо Милевски, Ставре Јанев...Тоа се тие познати измеќари на власта  кога  треба да се напаѓа опозицијата, да се организираат контра-протести,  да се стопира незадоволство кај земјоделците, да се фали владата. 
Тоа се тие службеници на Груевски   распоредени во региони кои делуваат кај земјоделците за да не се развие никакво незадоволство, а не дај боже да дојдат пред влада. “ - изјави пратеникот и тоа од зад говорницата во Собранието.

Не треба многу познавање на правото за да утврдите дека тука има добар материјал за поведување на постапка за клевета пред Граѓанскиот Суд. Тоа го знае и овој пратеник, па затоа, вешто се скри зад пратеничкиот имунитет и во најблага форма кажано, го злоупотреби за партиски цели.

Слична постапка имаше и пред неколку недели, кога заменичката на Заев, застана на истото место каде што денеска стоеше овој пратеник и упати обвинувања до шефот на ДБК, Мијалков. Иако ситуацијата е различна бидејќи Мијалков е носител на јавна функција, сепак се прашувам себе, а ја прашувам и госпоѓата јавно, зошто овие обвинувања не ги соопшти од говорницата на Бихаќка, особено ако се има предвид, дека половина час подоцна, лично ја видов таму, кога седеше и го слушаше Генералниот секретар, Оливер Спасовски, кој си ја одработуваше дневната партиска прес конференција. Дали беше свесна дека упатува обвинувања кои не може да ги докаже на суд, па во страв од тужба, повторно се сокри зад пратеничкиот имунитет, или пак станува збор за нешто, што во јавноста остана необјаснето.

Александар СПАСОВСКИ - Новинар

19.11.2013 - 19:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега