Ставрески: Со пругата кон Бугарија и автопатот до Штип побрз развој на источна Македонија

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, денеска во Кратово изјави дека изградбата на пругата кон Бугарија и автопатот од Скопје за Штип што ќе почнат да се реализираат следната година ќе овозможат побрз развој на источна Македонија.

- Најзначајниот проект што ќе го реализираме во источна Македонија следната година, во февруари или март, е изградбата на пругата кон Бугарија и автопатот од Скопје за Штип. Пошироко за целиот регион овие два крупни инфраструктурни проекта ќе донесат препород за источна Македонија, рече Ставрески во село Крилатица, каде присуствуваше на пуштање во употреба повеќенаменското игралиште кое е дел од проектот на Владата за изградба на спортски игралишта низ целата држава.

Инаку, денеска во Кратово присуствуваше и министерот за труд и социјала, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски и градоначалникот на Општина Кратово Мите Андоновски.

- Игралиштето е со цел поддршка за најмладите, за децата, за оние што треба да научат да се борат во животот, да спортуваат, победуваат и понекогаш да губат, да се развиваат и секогаш кога ќе изгубат да научат дека следниот пат треба да победат, рече вицепремиерот Ставрески.

Директорот на АМС Александар Пујовски изјави дека објектот е еден од многуте кои Агенцијата за млади и спорт со поддршка на Владата ги реализира низ целата држава.

 

- Проектот започна со реализација во мај годинава, а до крајот ќе бидат целосно изградени преку 40-ина вакви игралишта низ целата државата со што се заокружува концептот на создавање здрава нација преку делување во сите сегменти кои го креираат севкупниот развој на спортот, рече Пујовски.  

16.11.2013 - 15:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега