Влатко Ѓорчев: Заев - лажење в лице без усул

Јасна е работата. СДСМ ќе дава нереални ветувања, безобразно ќе лаже, ќе манипулира, а с` со цел да го поправи изборниот резултат на следните парламентарни избори, кога и да се случат. Веќе станува очигледно дека ќе има инфлација на ветувања од Заев и од СДСМ. Ветувањата ќе се даваат од ракав, без каква било основа и пресметка. Ќе се кажува тоа што народот сака да го слушне, без разлика што таквите ветувања нема никогаш, ама баш никогаш да ги реализираат.

Во тој контекст е најновото „ветување“ односно лажење без усул дека минималната плата ќе биде 450 евра ако СДСМ дојде на власт. Звучи примамливо и посакувано, но ова претставува лага на нивото на „ќе вработиме по еден член од секое семејство“ дадена како обврска ако се гласа за нив на 15 септември 2002 година. Тогаш граѓаните ја слушаа убедливоста на Бранко Црвенковски. Беше гласен, директен, прилично јасен и недвосмислен кога го даваше тоа колосално ветување кое се претвори во колосална лага и симбол на сите нереализирани од политичкиот „барон Минхаузен“. 

Луѓето слушаа и си правеа есап. Го гледаа своето семејство и наоѓаа потенцијален член на семејството кој ќе беше опфатен од големото и великодушно ветување на СДСМ во 2002 година. Правеа есап колку би била платата со тоа ново потенцијално вработување, ги додаваа тие средства во семејниот буџет, сметаа дека сето тоа ќе се реализира. Немаше дилеми или задршка, затоа што тоа доаѓаше како директно ветување, јасна обврска од човекот кој подоцна стана премиер – Бранко Црвенковски. На 15 септември 2002 година го дадоа својот глас за Бранко Црвенковски, а Зоран Заев стана пратеник во Собранието на истите избори. Поминаа два месеца и махерите составија влада. 

Луѓето стрпливо чекаа, очекувајќи го гарантираното вработување во семејството. Чекаа со месеци, а месеците станаа години. На почетокот мислеа дека се работи за голема операција, па затоа дадоа шанса уште неколку месеци, цврсто верувајќи на зборовите на „месијата“ од СДСМ. Подоцна се јавуваа по емисии, пишуваа писма Црвенковски и неговиот кабинет, но немаше реализирање на јавно даденото ветување „ќе вработиме по еден член од секое семејство“. 

Мала надеж се појави со законот за вработување наречен „Бранков закон“. Ефектите? Сите ги знаеме. Македонија беше земја со убедливо, убедливо најголема невработеност од цели 38 проценти. Во 2002 година наследија невработеност од 32 процента, а во 2006 година оставија невработеност од цели 38 проценти. Ветуваа вработувања, а во реалноста се случуваа масовни отпуштања. Не се отвори ниту една, ама баш ниту една нова фабрика. А луѓето ги гласаа та за тоа, со таа надеж и со тоа ветување.

Денес се повторува истата приказна. Зоран Заев излегува на прес-конференција и самоуверено, убедливо изјавува, цитирам: „Нашата програма предвидува секој што работи надвор од јавниот сектор да има минимална плата од 450 евра. Тоа ќе го има и текстилниот работник, и занаетчијата, и земјоделецот“. Завршен цитат. 

Што да се каже на оваа лага, што да се коментира? Прво, ова е безобразно, бесрамно лажење во лице. Убаво звучи, но целосно, целосно нереално во актуелните економски околности во Европа и во светот. И самиот Заев го знае тоа, но очигледно решил без усул да го лаже народот. Kако поинаку да се коментира една колосална лага, која не би ја кажал ниту еден одговорен политичар во Македонија.

Намерата е да се постигне маркетиншко–политички ефект. Намерата е стотици илјади луѓе во Македонија да почнат да го прават есапот како ќе им се промени животот откако „одеднаш“ со „магијата“ на Зоран Заев минималецот во Македонија ќе стане 27.000 денари. И? Луѓето да се погледнат себеси и своето семејство и да почнат да прават есап какви ќе бидат работите со 27.000 денари минимална плата, баш како со ветувањето на Б.Ц. за „едно вработување во секое семејство“. 

Заев намерно, смислено ги спомнува занаетчиите, текстилните работници и земјоделците, подло верувајќи дека тие ќе му поверуваат, дека ќе го ублажи поразот на изборите, дека ќе извади поповолен резултат, свесен дека никогаш, ама баш никогаш ниту ќе дојде во можност да го реализира ова „ветување“ дадено од ракав. Впрочем, со кои мерки ќе биде направено тоа? Зарем има некој што не сака во Македонија да бидат зголемени платите? Нормално, секој сака во Македонија да имаме подобар стандард, поголеми плати и посилно стопанство, но сето тоа треба да се движи во рамките на возможното и реалното. 

На пример, да речеме дека пратениците на СДСМ и Заев ќе ја изгласаат оваа мерка. Ќе дадат указ, налог и закон минималната плата да изнесува 27.000 денари. Што ќе се случи? Буквално колапс на стопанството и масовни, масовни отпуштања. Фирмите ќе ги отпуштат сите вработени кои имаат плата под 27.000 денари. Зошто? Затоа што со зголемените плати нема да бидат конкурентни, ќе се зголеми цената на нивните производи и никој нема да го купи нивниот поскапен производ. 

На странскиот пазар секој ќе ги купува поевтините производи произведени во Kина, Индонезија, Турција, Србија или Романија. Тие производи ќе бидат поевтини и ќе имаат пласман. Македонските производи ќе бидат енормно поскапи затоа што во цената ќе влезе „минималната“ плата од 450 евра. Никој нема да ги купува македонските производи, ќе немаат никаков пласман и тоа ќе значи затворање на фабриките и масовни отпуштања. 

Наместо поголема плата од 450 евра, луѓето кои сега имаат помали плати ќе бидат отпуштени и оставени на улица, буквално на улица, без никакви примања. Наместо ренесанса, ќе следи голгота. Наместо подобар живот и подобар стандард, ќе се случи затворање на стотици фабрики и илјадници претпријатија во цела Македонија.

За почеток, нека повелат фирмите на семејството Заеви да ја дадат ветената минимална плата во фирмите во Струмица, Валандово и во Велес. Исто и во општина Струмица и во јавните претпријатија. Минималната плата нека биде 27.000 денари, па јавноста ќе поверува во „ветувањето“. Без тоа, ова ветување е лажење во очи без усул.

Влатко ЃОРЧЕВ за Дневник

16.11.2013 - 13:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа