Шилегов најави дека Скопје ќе биде меѓу најразвиените градови во Европа
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов вечерва на улица „Македонија“ го отвори главниот скопски изборен штаб.
На ова место, како што изјави Шилегов, ќе му биде понудена изборната програма за Скопје на секој граѓанин кој сака да се запознае со она што ќе се реализира во следните четири години и за она што е остварено во изминатиот четиригодишен период.
– Ова не се само избори за тоа кој ќе биде градоначалник на Скопје, ова се избори што е тоа што скопјани го сакаат за својот град – дали сакаат континуитет на развојот или сакаат градот повторно да се врати назад во она сивило од кое го извадивме во 2017 година, рече Шилегов.
Изрази уверување дека скопјани ќе изберат градот да оди напред и да припадне онаму каде му е местото, во најразвиените европски градови.
– Многу е важно на овие избори да влеземе во секоја куќа, да разговараме со нашите сограѓани и да видиме што е тоа што го сакаат за нашиот град – дали сакаат да го продолжиме развојот или сакаат да се вратат назад. Јас сум убеден дека наместо да се вратиме назад, ќе избереме да продолжиме напред и со сигурни чекори да направиме Скопје да припадне онаму каде што му е местото – кај најразвиените градови во Европа, подвлече Шилегов.
Најави победа уште во првиот круг на изборите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа