"Владата ќе продолжи да троши, граѓаните ќе бидат сиромашни' - опозицијата смета дека Буџетот не носи ништо ново

Пратениците денеска расправаат за Буџетот за 2014 година. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Марјанчо Николов смета дека и овој Буџет не носи ништо ново и дека Владата и понатаму ќе продолжи да троши повеќе, а граѓаните ќе останат сиромашни.

Николов оцени дека ова е буџет со кој власта ќе се обиде со големи расходи да ги купи наредните избори. - Не е случајно што планирате зголемување на пензии, социјална помош, субвенции. Ако Буџетот е развоен како што велите, зошто тогаш планирате повеќе пари за стариот театар, 399 милиони денари, отколку за гасификација, 250 милиони, зошто повеќе за зградата на Министерството за финансии, 755 милиони, отколку за инвестиции во железничката инфраструктура, 573 милиони?, праша Николов и посочи дека се продлабочува дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

- Оваа партија во изминатите 16 години изработила 12 буџети, ова е 8-ми по ред, но сите биле енормни, се трошеле огромни пари на граѓаните и стопанството, вкупно 16,5 милијарди евра. Ова се убедливо најслабите резултати од самостојноста на Македонија или од 1996 година кога е постигната макроекономската стабилност, посочи Николов.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, посочи дека  резултатите што ги остварува оваа Влада се конкретни, мерливи, видливи и секој може да ги воочи.

- Граѓаните кажаа дека сакаат друга политичка гарнитура и тоа ве боли. Првпат имате многу малку аргументи што покажува дека Буџетот е одлично скроен, но тоа не значи дека нема проблеми, напротив. Ни претстои уште многу работа, рече вицепремиерот.

- Резултатите ги ценат и меѓународните институции, ММФ, Светска банка,... И тие се огласија, потврдија дека македонската економија заздравува многу подобро од очекуваното и дека е една од најуспешните во Европа. Сепак, најзначајно е што мислат граѓаните, а тие тоа го кажуваат на демократски начин, седум пати досега, иако од вас цело време ги слушавме истите зборови, „следниот пат ќе видите“. И видовме. Не се плашиме да се соочиме со граѓаните, ниту со вас, рече Ставрески по што го покажа и графиконот кој споредбено ги претставува стапките на невработеност во времето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

13.11.2013 - 13:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега